Се поголем број пациенти со потешка клиничка слика се хоспитализираат во модуларниот ковид центар во Кичево, а се зголемува и бројот на смртни случаи.

– За жал во последниве неколку недели во модуларниот ковид центар во Кичево се примаат пациенти со потешка клиничка слика, со висока сатурација и влошени здравствени параметри, по што се зголемува и смртноста, вели Неџат Балажи, специјалист од Општата болница во Кичево и појасни дека тие пациенти главно се лекувале дома, но без соодветен целосен третман.

Посочи дека по влошувањето на нивната здравствена состојба тие се хоспитализираат и најчесто тешко преживуваат. Одреден број пациенти, како што нагласи, се упатуваат и за Скопје каде продолжуваат со натамошен лекарски третман.

Проблемот на поголемиот број новозаболени д-р Балажи го лоцира во зачестените контакти, групирањето во локали и неносењето заштитни маски.

-Откако се подобри временската состојба, граѓаните почнаа почесто да излегуваат надвор, контактите се зачестени, неносењето на заштитни маски е редовна појава, има групирање во локали, што се рефлектира и врз зголемениот број новозаболени од Ковид-19. Ако се има предвид дека британскиот сој на вирусот е лесно пренослив, тогаш и не се потребни дополнителни фактори за да бележиме пораст на новозаболени и починати, додаде Балажи.

Во модуларниот ковид центар во Кичево денеска бројот на хоспитализирани пациенти изнесува 10, што е трипати повеќе споредено со пред 15-тина дена кога во центарот беа згрижени само три четири пациенти.


Администратор
08/03/2021 12:44