Во петокот, саботата и неделата во Струмичко избувнале 10 пожари на отворено. Во пожарите најмногу гореле сува трева и грмушки, а само во еден ден пожарникарите изгаснале шест пожари на исто толку различни локации.

Според пожарникарите, големиот број пожари на отворено се должи на невнимание на земјоделците кога ги палат стрништата и растителниот отпад на нивите.

– Апелираме до сите кои работат или се движат на отворен простор да не палат огнови. Апелот се однесува посебно до земјоделците, кои интензивно се подготвуваат за пролетната сеидба и ги чистат и палат отпадоците и стрништата на нивите, велат од Територијалната професионална против пожарна единица на Струмица.

Пожарите досега зафатиле површина од повеќе десетина хектари. Иако не е причинета голема материјална штета, сепак во повеќе наврати огнот се доближил до станбени и деловни објекти, но со навремена интервенција спречено е негово проширување.

Со почнувањето на земјоделските работи, зачестија пожарите на отворено во Струмичко. Во февруари и првата седмица од март се регистрирани вкупно 29 пожари.


Администратор
08/03/2021 12:40