Истражувањата покажуваат дека жените возат побезбедно од мажите. Според податоците на Светската здравствена организација 77 отсто од сообраќајните несреќи со фатални последици се предизвикани од возачи мажи, а само 23 отсто од возачи жени.

Ова го соопшти Ристо Манчев од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.

Додаде дека брзото и агресивно однесување во сообраќајот не е својствено за жените кои управуваат возила.

-Жените помалку возат без возачка дозвола, помалку возат под дејство на алкохол, односно тие повеќе ги почитуваат сообраќајните правила и прописи. Ако дефанзивното возење се карактеризира како „женско возење", ако почитувањето на правилата на ограничување на брзината се карактеризира како такво возење, ако почитувањето на пешаците и велосипедистите во сообраќајот е исто така „женско возење", тогаш ајде сите да возиме така, бидејќи е побезбедно и посигурно, смета Манчев.

Посочува дека секоја поделба на возачите на мажи и жени се прави исклучиво за статистички и научни цели, но индивидуални позитивни и негативни примери има незвисно од кој пол е возачот.

По повод Денот на жената, Осми март, РСБСП ја изрази својата поддршка за рамноправно учество на жените во сообраќајот и како еден вид борба против стереотипите дека жените се лоши возачи.

По повод утрешниот празник Советот, заедно со Отсекот за превенција при СВР Струмица и Црвен крст Струмица, организираше акција под мотото „Жените возат одговорно, биди горда што си жена и што си безбеден возач", а на жените возачи им беа делени флаери и каранфали со совети за безбедно возење.


Администратор
07/03/2021 16:59