Фудбалскиот клуб „Брегалница“ јубилејот од 100 години го одбележа со поставување на камен-темелник за изградба на нова модерна трибина на Градскиот стадион во Штип.
Градоначалникот на Општина Штип, Сашко Николов истакна дека граѓаните на Штип по 30 години добиле историска шанса за реконструкција и ново руво на стадионот.
-Изградбата на западната трибина е само најава и поттик за спортски Штип, кој треба да добие стадион, кој ќе одговара на стандардите на европските и светски стадиони.Фудбалскиот клуб „Брегалница“ е еден од симболите на Штип, со којшто штипјани со право се гордеат, изјави Николов.
Средствата за изградба на западната трибина од над 1.500.000 евра се обезбедени од УЕФА преку Фудбалската федерација на Македонија, а Николов најави дека источната трибина ќе се реконструира во јуни со пари од буџетот на Општина Штип.
Претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини рече дека во текот на наредниот период со изградбата на новите трибини, Штип ќе добие модрен и рептрезентативен стадион, на којшто ќе се играат меѓународни натпревари.
-Како еден од нашите најголеми фудбалски центри „Брегалница“ и градот Штип ја заслужуваат сета поддршка од Фудбалската федерација на Македонија, рече Сејдини.
Посочи дека новата трибина ќе има 2.400 седишта за публиката, вип простор, зона за медиумите, а средствата за изградба се обезбедени од УЕФА.