На објектот Јасмин, кој е во рамки на градинката „Мајски цвет“ во Тафталиџе 2 неодамна се поставени хибридни колектори. Станува збор за инвестиција на Општина Карпош, а овие колектори произведуваат 300 литри санитарна топла вода за потребите на кујната и подготовка на оброци, како и 3,2 киловати струја. Хибридните колектори, заменуваат четири стари, 80 литарски бојлери, а на годишно ниво заштедите на елелектрична енергија за објектот ќе бидат околу 140 илјади денари.

Во посета на градинката денеска беа премиерот Зоран Заев, министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска и градоначалникот на Општина Карпош Стефан Богоев, по повод Меѓународниот ден на енергетската ефикасност.

– Градинката „Мајски цвет,“ освен што како новоизградена ги иполнува сите услови за згрижување на децата од предучилишна возраст, нашиот силен потенцијал е целосно енергетски ефикасен објект. Во меѓувреме Општината и Министерството продолжија да соработуваат на проширување на капацитети на градинката и таа е доградена со дополнителни 150 метри квадратни, со капацитет да прими уште 95 деца, рече Заев.

Паралелно со доградувањето, проектот ги следел сите критериуми за енергетска ефикасност. Вишокот струја преку двосмерно броило, како што посочи Заев, се пренасочува кон мрежата на ЕВН, а хибридните колектори заменуваат четири стари енергетски неефикасни бојлери.

Во текот на оваа година, како што додаде, ќе бидат довршени уште 14 градинки, а во постапка е изготвување на програмата за отпочнување проекти за изградба на нови објекти за згрижување деца.

– Сите овие градинки како и другите јавни објекти целосно ги следат нашите политики за енергетска ефикасност, за здрава животна средина, за префрлување на зелени горива, за намалување на загадувањето, за создавање зелени зони и за заштеда на трошоци за енергија. Наместо стиропор сега фасадите и другата опрема во јавните објекти се енергетски ефикасни, рече Заев, додавајќи дека со помош на Владата досега се изградиле повеќе од 100 енергетски ефикасни објекти.

Министерката Шахпаска рече дека десетте градинки што се изградиле во последните шест месеци го исполнуваат принципот за енергетска ефикасност. Тоа, како што посочи, значи дека се почитуваат принципите за најсовремените евроспки стандарди во поставувањето, како на хидроизолација, така на термоизолација при ставањето на столаријата, ПВЦ прозорците, но и користење енергенси кои не ја загадуваат животната средина, а се користат за затоплување на градинките.

– Користиме обновливи извори на енергија како што е примерот на хибридните соларни колектори кои денес ги видовме во градинката Јасмин во рамки на градинката „Мајски цвет“ во Карпош. Како МТСП правиме гасификација на градинките затоа што гасот како енергенс не ја загадува животната средина. Користиме и алтернативни извори на затоплување на градинките. Како што е агро отпадот како нов вид енергенс кој се користи во детската градинка во општина Новаци во пелагонскиот регион, рече Шахпаска.

Градоначалникот Богоев информира дека на кровната површина на ОУ „Братство“ планираат инсталирање на мини фотоволтаична централа со што ќе се добие и првата енергетска задруга во земјава.

Членовите на задругата ќе бидат 100 социјално загрозени домаќинства од Карпош кои ќе можат да остваруваат приход од оваа фотоволтаична централа. Овој проект веќе го аплициравме со здружението Гоу Грин пред германското федерално Министерство за животна средина. Од оваа година во Карпош целото јавно осветлување ќе биде составено од лед штедливи светилки. Веќе сме во процес на замена на дел од светилките по голем број сервисни улици, детски и спротски игралишта, како и во училишните дворови, заклучи Богоев.


Администратор
05/03/2021 14:12