Специјалниот завод „Демир Капија“, за секојдневните потреби на своите штитеници, денеска доби донација од Јавното претпријатие „Службен весник на Република Македонија“.

Донацијата, како што информираат од ЈП „Службен весник на РМ“, се состои од материјални добра, кои ова јавно претпријатие ги издвои, согласно со најавените потреби за корисниците на социјалната заштита во оваа јавна установа. Станува збор за комплети во постелнини, прекривки и пешкири во вредност од 30 000 денари.

– Искрено се надевам дека ова ќе биде поттик и за останатите, бидејќи кога работите со ваква категорија на лица и во ваква голема институција, секаква поддршка од други институции е повеќе од добредојдена. Секој во ова општество е еднакво важен и секој заслужува да биде подеднакво третиран. Уште еднаш упатувам голема благодарност до директорката на ЈП „Службен весник на РСМ“ и надеж за понатамошна соработка, потенцира в. д. директорката на Специјалниот завод „Демир Капија“, Александра Велковска.

За директорката на ЈП „Службен весник на РМ“ Татијана Лалчевска ова е скромен гест, но со хуманитарна цел.

– Издвоивме скромен дел според нашите можности, но искрено се надеваме дека донацијата ќе биде од корист. Нашето претпријатие е општествено-одговорна институција, која настојува така да се однесува и кон своите корисници, но и кон пошироката јавност, таму каде што тоа е потребно и е во рамките на нашите можности, вели Лалчевска.


Администратор
26/02/2021 15:48