Со видеомонографија која беше промовирана на Фејсбук, основното училиште „Кузман Јосифоски-Питу“ во Кичево одбележа 60 години постоење. Опфатени се сите периоди од почетокот на работата до денес. Училиштето имало над 8000 ученици, а во образовниот процес биле вклучени повеќе од 200 учители и наставници.

Директорот Драган Андрески потсети дека од клупите на ова училиште се излезени и поголем број академици, универзитетски професори, инженери, лекари, политичари…

Поради мерките за заштита од КОВИД-19, јубилејот ќе се одбележи без собир, а пофалници, благодарници и други признанија на вработените ќе им бидат доделени во друга пригода.

-Без да подготвуваме специјална програма ќе биде одбележан големиот јубилеј на нашето училиште. Ќе нема масовни собирања поради КОВИД-19 и само со видеомонографија која учениците и граѓаните може да ја проследат на Фејсбук во два термина. Сите ние можеме да бидеме горди што сме дел од ова училишно семејство, кое од година во година бележи развој, рече директорот Андрески.

Од 2007 година училиштето „Кузман Јосифоски-Питу“ во Кичево работи во нова училишна зграда.


Администратор
25/02/2021 22:36