Во рамките на проектот на Министерството за образование и наука „Учи паметно, работи стручно“ денеска во Куманово се одржа консултативна средба на претставници на МОН, средните стручни училишта, бизнис-заедницата, стопанската комора, локалната самоуправа и други инволвирани стани кои преку дебата и размена на идеи ќе ги идентификуваат потребите од отворање одредени профили и паралелки во средните стручни училишта.

Заменик-министерот за образование и наука Арафат Шабани рече дека Министерството активно работи на подобрување на средното стручно образование и целта е по завршување на училиштето, младите да имаат вештини и знаења кои ги бара пазарот на трудот.

– Направивме анализа што ни даде јасна слика за постојните профили кои ги нудат училиштата и каква е нивната усогласеност со потребите на компаниите. Анкетата на 450 компании од државата покажа дека 85 проценти се подготвени да соработуваат со средните стручни училишта и да примаат ученици на практична настава, што е многу важно за создавање стручен и квалитетен кадар, рече Шабани.

Тој истакна дека е важно да јакне довербата помеѓу компаниите и стручните училишта, затоа што ќе се продуцира кадар кој може да се вработи во компаниите. Шабани очекува конкретни препораки за потребите на пазарот на трудот и конкретни предлози за профили.

– Во април ќе ги операционализираме конкурсите и мислиме дека од идната учебна година можат да функционираат овие профили, рече Шабани.

Директорката на државното средно училиште-Регионален центар за стручно образование и обука „Киро Бурназ“ Куманово, Весна Трајковска, рече дека ова училиште нуди формално образование и застапени се земјоделство, рибарство, ветеринарство, хемија и технологија, машинство и лични услуги, со поголем број профили, додека во рамки на неформално образование има одлична соработка со компаниите за преквалификација и доквалификација.

– Дел од професионалната пракса се изведува во училиштето, но и во компаниите во општината. Подготвени сме за сугестии и отворање нови профили и да се приспособуваме на потребите на пазарот на трудот, изјави Трајковска

Секретарот на општина Куманово, Александар Гелевски, истакна дека денешната размена на идеи ќе придонесе за унапредување на средните стручни училишта во Куманово, ќе продуцира кадар кој ќе ги задоволи потребите на пазарот на трудот и крајно намалување на невработеноста.

Тој додаде дека општината постојано вложува во инфраструктура на училиштата. Во Куманово има три средни стручни училишта и еден регионален центар, поранешно стручно училиште, и во сите нив наставата се одвива на македонски и на албански наставен јазик.


Администратор
25/02/2021 14:59