Штипскиот Основен суд спаѓа во редот на ажурните судови, лани судиите успеале да решат 16.119 предмети. Претседателот на Основниот суд во Штип, Ѓорѓи Андонов на денешната средба со новинарите истакна дека во 2020 година примиле 16.017 предмети, а вкупно во работа имале 19.498.

Тој воедно посочи дека лани судските служби и судиите работеле согласно здравствените протоколи и покрај несекојдневните услови за работа успеале да го совладаат приливот на предмети, но и да ги решаваат старите судски предмети.

Во штипскиот Основен суд работата е распоредена на 14 судии, но еден е делегиран во Основниот суд во Берово, а на еден судија функцијата му е во мирување, бидејќи е член на Судскиот совет. Андонов забележува дека во услови на пандемија просторните можности им се три судници и една адаптирана просторија.

-Поради ова во план е опремување на уште две простории како судници, а во најскоро време се очекува и опремување на постоечките судници за одржување на онлјан судници, вели Андонов.

Претседателот на ОС Штип, Ѓорѓи Андонов смета дека судот е транспарентен, лани биле примени 37 барања за информации од јавен карактер, постојано се ажурира со нови информации и веб страницата на судот, а во план е и да се објават биографиите на судиите.


Администратор
23/02/2021 15:39