Министерот за надворешни работи Бујар Османи, од денеска ќе престојува во работна посета на Франција, каде ќе оствари средба со министерот за Европа и надворешни работи, Жан-Ив Ле Дриан.

Како што соопшти МНР, покрај средбата со својот домаќин, Османи ќе ја посети и Елисејската палата, каде ќе оствари средба со советниците во Кабинетот на претседателот, Емануел Макрон, Изабел Думон, надлежна за Континентална Европа и Турција, и со советникот за Европа, Александар Адам.

Покрај билатералните односи, на средбата ќе се разговара и за европските перспективи на Република Македонија, како и актуелните прашања поврзани со пандемијата и соработката на тој план. Во рамките на посета на Франција, двајцата министри, Османи и Ле Дриан, ќе потпишат и неколку билатерални договори, стои во соопштението на МНР.

Во агендата на Османи е предвидена и средба и со Марта Де-Сидрак, претседател на групата за соработка меѓу Франција и земјите од Западен Балкан на францускиот Сенат, а ќе има одделен состанок и со заменик генералниот директор на Француската Агенција за развој, Филип Бодуен.

Работната посета на Париз на шефот на дипломатијата, Османи е дел од неговата дипломатска турнеја низ земјите членки на Европската Унија, со цел презентација на европското досие на Македонија и реафирмација на поддршката за нашата земја, додава МНР.


Администратор
23/02/2021 10:09