Досега 1040 здравствени работници ја примиле вакцината против Ковид-19. Кај мал број од нив се пројавени реакции по вакцината како болки на местото каде таа е аплицирана и благо зголемена телесна температура, информираа вчера за МИА од Министерството за здравство.

Оттаму додадоа дека сите вакцини се безбедни и развиени на сигурни платформи.

Преку веб-страницата „vakcinacija.mk“ реализирани се 63.075 пријави од граѓаните со искажување на интерес за вакцинација.

Имунизацијата се врши со 4680 од предвидените 8000 дози вакцини од производителот „Фајзер“ кои државава го доби како донација од Србија.

До крајот на неделава се очекуваат и 200.000 вакцини од кинескиот производител „Синофарм“. Државата ќе порача дополнителни 100.000 вакцини „Спутник“.

Премиерот Зоран Заев вчера изјави дека се прават напори во земјава што поскоро да стасаат вакцини од сите производители. Кинеските вакцини, најави, се очекува да пристигнат до крајот на овој месец. Тој соопшти дека е во план да се набават 100 илјади вакцини „Спутник“.

– Преку КОВАКС механизмот ги очекуваме вакцините од „Модерна“ и од „Астра Зенека“, „Фајзер“ веќе имаме, од Кина очекуваме да стигнат, истакна Заев.

Додека трае вакцинацијата, епидемиолошката слика речиси во целата држава се смирува, освен во Прилеп, Кавадарци и Охрид каде што беа регистрирани најмногу случаи на британскиот сој на САРС-КоВ-2, за кој стручните лица велат дека многу бргу се шири. Најмногу активни случаи има во Скопје – 2938, Прилеп – 473 Кавадарци – 454 Охрид – 382, Тетово – 228, Велес – 212, Куманово – 208, Велес – 212. Во другите градови се помалку од 200.

Вчера беа регистрирани 129 нови случаи на коронавирусот од направени 854 тестирања, 13 починати лица, а оздравени 342 пациенти.

Досега во земјата се направени вкупно 503.565 тестирања на Ковид-19.

Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 99.408, бројката на оздравени пациенти е 89.742, на починати е 3.076, а бројот на активни случаи изнесува 6.590.

Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 625 и има околу 440 празни болнички кревети во ковид – центрите.

Во ковид – центрите во Скопје хоспитализирани се вкупно 248 лица сомнителни и потврдени за Ковид-19.

Во ГОБ „8 Септември“ има вкупно 76 болни, а на Клиниката за инфективни болести лежат 88 пациенти, додека во Институтот за белодробни заболувања кај деца Козле има 25 пациенти и на ГАК една хоспитализирана ковид позитивна пациентка.

Во Скопје има 100 слободни места. Сите инфективни одделенија имаат довод на кислород и можат да згрижат пациенти кои имаат потреба од кислородна поддршка.

Од општина Карпош вчера информираа дека започна научно – истражувачкиот проект на Институтот за имунобиологија и хумана генетика при Медицинскиот факултет во Скопје, кој има цел да го утврди процентот на луѓе кои имаат стекнато антитела од вирусот КОВИД – 19.

Во соопштението стои дека денеска, во Карпош биле земени почетните 135 единици крв од потребниот примерок за т.н. серолошки скрининг, односно од вкупниот примерок за испитување на отпорноста на ковид на ниво на град Скопје.

Од општината дополнуваат дека стручниот тим од Институтот ќе продолжи со ова истражување и по други скопски општини.

Здружението на угостителството и туризмот при Стопанската комора на Македонија вчера побара итна операционализација на мерката бесплатни ПЦР тестови за странските државјани кои ќе докажат туристички или деловен престој во земјава со хотелска сметка или ваучер издаден од туристичка агенција.

Оваа мерка, потсетува Здружението, е дел од петтиот антикризен пакет што го усвои Владата и е донесена на барање на бизнис секторот.


Администратор
23/02/2021 10:07