Беровската населба „Ширината“ доби ново улично осветлување. Комплетната инсталација е извршена од страна на Општина Берово, по претходно барање на жителите од населбата.

Од општината истакнаа дека со ставањето во функција на уличното осветлување, населбата „Ширината“, полека, но сигурно, станува ново место за живеење во Берово.

– Со поставувањето на комплетната инсталација во овој дел од градот, се реши долгогодишен проблем и се одговори на барањето на жителите од ова место, истакнаа од Општината.

Во делот на уличното осветлување, претходниот период, во Берово, на неколку делови во градот се инвестираше и во замена на постоечките светилки, со нови енергетски ефикасни светилки.

– Според предвиденото, со вакви активности ќе се продолжи и во текот на оваа година. Целта е на граѓаните да им овозможиме подобра прегледност до нивните домови особено во ноќните часови, со што ќе се подобри и безбедноста во подалечните делови од градот, додадоа од Општината.

Оттаму додадоа дека преку Програмата за прекугранична соработка Македонија-Бугарија, претходно е инсталирана е нова мрежа за улично освелување, за подобрување на осветлувањето во целиот град.