Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, заедно со директорот на Бирото за јавна безбедност Саше Тасевски и градоначалникот на Кочани Николчо Илијев, денеска ги посетија децата и семејствата на загинатите бранители кои во одморалиштето на МВР во Пониква го минуваат зимскиот одмор.
На средбата со децата и семејствата на бранителите, Спасовски изразил задоволство што има можност да се види со нив и да поразговараат околу актуелни прашања од важност за нив, истакнувајќи и во оваа прилика дека тој и раководството на МВР се нивни пријатели и поддржувачи и оти тоа партнерство бескопромисно продолжува и во иднина.
– Вашите татковци, синови, сопрузи, браќа, наши колеги и пријатели го заслужија своето место меѓу бесмртните, меѓу сите наши херои кои со своето највеличествено дело и залог – сопствениот живот – оставија вечна трага во историјата, но и во иднината на генерациите што доаѓаат. Нема држава во чии што темели не се вградени и животите на нејзините најдобри синови. Тоа со што нашите херои не задолжија се враќа само со дела, со хумани, професионални, благородни дела, со се она добро, чисто и честито заради што тие воопшто и ги положија своите животи. Ова ме задолжува мене како министер, и раководството на Министерството за внатрешни работи но и сите останати институции да бидеме овде секогаш за вас, нивните најблиски и кога за тоа постои законска можност да направиме се што е во наша надлежност да одговориме позитивно на вашите барања, рече Спасовски, информираат од МВР.