Роверот на НАСА, „Упорност” слета на кратерот Језеро на Марс, именуван по село во Босна и Херцеговина… А, за жителите на селото, тоа е посебна историја, па договорија и групно следење на настанот на видеобим во дворот на единственото училиште во тоа населено место.

– Кога првпат слушнав на телевизија дека НАСА именувала кратер на Марс по Језеро, се изненадив и помислив – конечно нешто добро ни се случува. После многу години проблеми, ова може да биде знак дека конечно можеме да одиме напред, рече Милан Котањац, жител на селото Jезеро.

Многу селани се надеваат дека истражувањето на кратерот Марс може да привлече голем број посетители на зелената босанска долина покрај Пливското Езеро и селото од 1.000 жители кое сѐ уште се бори со сиромаштијата и други последици од војните во 1990-тите.

Кратерот на Марс името Језеро го доби 2019 година. НАСА, по седуммесечно патување и минати 470 милиони километри, со досега најголемиот и најбрзиот ровер – „Упорност“ го привршува долгоочекуваното слетување на Црвената Планета. Проектот чини 2,7 милијарди долари.


Администратор
19/02/2021 00:36