Калиманско Езеро е порибено со 500 килограми крап. Порибувањето се реализираше во рамки на активностите на Спортско риболовното друштво „Шаран" од Македонска Каменица.
-Спортското риболовното друштво „Шаран" и годинава продолжи со акцијата за порибување на Калиманско Езеро. За таа цел 500 килограми риба од видот крап се пуштени во близина на браната од Хидроцентралата Калиманци. Од споменатата количина, 50 риби се матици за мрестење кои се обезбедени од Репро-центар „Козјак", истакнаа од СРД „Шаран" Македонска Каменица.
Градоначалничката Соња Стаменкова која покрај членовите на СРД „Шаран" присуствуваше на порибувањето, додаде дека Општината ќе продолжи да ги поддржува ваквите акции.
-Оваа активност на каменичкото спортско риболовно друштво традиционално е поддржана од општина Македонска Каменица. Се надевам дека, на овој начин, езерото Калиманци ќе остане препознатлива дестинација која ќе ги привлекува спортските риболовци, не само од Македонија туку и од странство", рече Стаменкова.
Во езерото Калиманци со последните обилни врнежи од дожд се нормализираше состојбата со водостојот, а во наредниот период по топењето на снегот се очекува и целосно полнење на акумулацијата.