Зимската служба на општина Чашка и ЈПКД Тополка од раните утрински часови активно работат на расчистување на снегот на локалните патишта во општината. Како што информира за МИА градоначалникот Горан Стојановски, со две возила со приклучна механизација за чистење на снег веќе се расчистија локалните патишта кон селата Мелница, Горно Врановци, Бистрица, Дреново.
Како што информира Пепи Павловски од Општина Чашка, попладнево се расчистени и локалните патишта кон планинските села селата Горно и Долно Јаболчиште, каде на поедини делови од патот чистењето им го отежнувале големи снежни намети,а снежната наметка моментално е со висина од 60 до 70 сантиметри, а снегот и понатаму непрекинато паѓа.
Биле исчистени и локалните патишта кон високите планински села Богомила, Нежилово, Ореше и Папрадиште, каде што снежната покривка моментално е 50 сантиметри.
Тој информира дека нивните две возила со две екипи работат на расчистивање нз патот кон селата Мокрени, Владиловци, како и на патните правци кон селата Бањица, Војница, Габровник.
Како што информира градоначалникот Горан Стојановски, зимската служба на ЈПКД Тополка во текот на денот и ноќта ќе биде постојано на терен со цел да се обезбеди непречен сообраќај кон населените места.
Стојановски им порача на граѓаните доколку имаат потреба за брзо и итно реагирање за помош, да се јават на дежурниот телефонски број на општина Чашка – 075 331 340.