Снегот кој во изминатите 24 часа ја зафати земјава, им создаде многу неприлики на повеќето села во Поречијата, кои се наоѓаат на поголема надморска височина .Се уште жителите на овие рурални населби се отсечени од светот. Како што информираат од ЦУК, пробивањето на патиштата до овие села ќе започне утре претпладне, по што ќе може да смета на проодност на патиштата до над 20 поречки села.
Снегот кој од вчера претпладне почна да паѓа во нашиот регион, во повисоките селски населби достигна височина од 40-50 сантиметри,додека во пониските села и Општинскиот центар Македонски Брод, височината на снегот изнесува 20-30 сантиметри. Токму височината на снегот создаде големи проблеми во проодноста на патиштата до селата:Дреново,Горно и Долно Крушје, Калуѓерец, Могилец, Сушица, Бенче, Инче, Звечан, Битово и други, изјави Миле Стојкоски од РЦУК Македонски Брод и најави дека чистењето на снегот до овие села се очекува да започне утре.
-Имаме информација дека чистењето на патиштата до овие високо планински селски населби ќе започне утре, додека во текот на денешниот ден со возило е можно да се стаса до селата од понискиот Поречки регион. Дополнителни проблеми за безбедно движење по овие патишта создава голомразицата и ветерот а состојбата ќе се искомликува во текот на ноќта кога температурите ќе паднат дебело под нула, додава Стојкоски.
Тој потсети дека сите села во овој регион, вкупно 53, имаат електрично напојување и засега нема информации од недостаток на храна или болни луѓе на кои им е неопходна лекарска помош.