Девет машини на ангажираниот правен субјект го расчистуваат Куманово, информираа денеска од Општинскиот штаб за заштита и спасување кои ја одржаа 64-та седница во просториите на општината. Во расчистувањето вклучена е и механизација на ЈП „Водовод“, а вклучени се и екипи на ЈП „Чистота и зеленило“.
Од штабот ги задолжија инспекциските служби да извршат контроли дали се расчистени површините пред дуќаните, го повикаа „Куманово паркинг“ да ги расчисти паркинг местата, но и да го ангажира пајак возилото и да ги отстрани возилата од јавните површини за непречно расчистување на улиците.
– На состанокот беа презентирани информации во врска со преземени активности за расчистување на снегот од сообраќајниците од страна на ангажираниот правен субјект како и јавните претпријатија. Се расчистува континуирано. Ангажирани се пет машини за расчистување во централното градско подрачје од страна правниот субјект. За расчистување на приградските населби ангажирани се две машини од истиот правен субјект како и дополнително две машини од ЈП „Водовод“. Сите екипи на ЈП „Чистота и зеленило“ се ангажирани за расчистување на пешачки површини и премини, како и градските плоштади, соопштија од штабот.
Кризниот штаб го задолжи Секторот за инспекциски надзор – Инспекторат да ги ангажира сите комунални инспектори и редари да излезат на терен, да направат увид дали се расчистени пешачките површини пред дуќаните, коешто, додаваат, претставува нивна законска обврска и да им дадат задолжение да расчистат. Штабот го задолжи ЈП „Куманово паркинг“ да ги ангажира своите вработени за расчистување на паркинг местата со кои стопанисуваат, како и пајак службата за испомош и отстранување на возила од јавните површини заради непречено расчистување на сообраќајниците, како и ЈП „Пазаришта“ да ги ангажира своите вработени за расчистување на приодните јавни површини до градските пазари.
– Апелираме до граѓаните, кои ги чистат снежните наноси пред дворните места и тротоарите, снегот да го складираат на одредени точки, но да не го исфрлаат на улиците, бидејќи создаваат дополнителен проблем во проодноста на улиците и непречено движење на возила, апелираат од штабот.
Претходно, кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски на социјалните мрежи информираше дека службите се на терен, го расчистуваат снегот од површините, 50-тина лица од „Чистота и зеленило“ ги расчистуваат плоштадите, тротоарите, прскаат средство против замрзнување.
-Сите патни правци во општината се проодни, се дејствува и во подалечните села. Акцијата за расчистување на снегот продолжува, напиша Димитриевски.ам/вј/