Во Државното средно училиште-Регионален центар за стручно образование и обука „Киро Бурназ“-Куманово денеска беше одбележан празникот Свети Трифун. Традиционално, на денот на Заштитникот на градинарите и лозарите беше закроено лозјето. И оваа година, ученици, професори, граѓани, пратеници, претставници од државни и локални институции присуствуваа на манифестацијата „Закројување на лојзето“.
Манифестацијата се реализира со поддршка на локалната власт и има за цел да ја негува традицијата и да ги поттикне младите да се насочат кон изучување на оваа струка која, според надлежните од училиштето, е перспективна.
-Манифестацијата се спроведува со години наназад, колку што и опстојува виновата лоза на нашиот простор, кој го користиме за опитни цели и практично спроведување на наставата и воедно се обидуваме да го обновиме со нови сорти на лоза, изјави директорката на училиштето, Весна Трајковска.
Последниве години има поголема заинтересираност на учениците за изучување на оваа гранка од земјоделството. Стручните објаснуваат дека учениците по завршувањето на оваа струка можат да работат на свој насад или да се вработат во неколкуте семејни винарии кои функционираат во Куманово или да го продолжат образованието на факултетот. Според стручните професори во Куманово, особено добри услови за одгледување на лозје има во подрачјето на селата Никуљане, Четирце и во сите села во соседната општина Старо Нагоричане.
Професорите објаснија дека кроењето е неизоставна агротехничка мерка која овозможува правилно насочување на родот, мерка преку која лозјето правилно ја прима светлината, топлината. Кроењето, според стручните треба да се изврши најдоцна до протерувањето на првите окца околу први април, кога е последен рок за вистински развој на лозјето.ам/вј/