Како држава имаме потенцијал за зголемување на површините под лозови насади во виногорја кои имаат потенцијал, но треба да се води сметка за правилен избор на сортите. Ова го нагласи проф. д-р Виолета Димовска од Земјоделскиот факултет при Универзитет ,,Гоце Делчев” Штип. Од Димовска која и самата е кавадарчанка, МИА побара одговор на неколку прашања.

Каква е ситуацијата со автохтоните сорти на винови лози. Дали и колку се одгледуваат и имаат ли иднина, може ли да се вратат во лозовите насади?

– Автохтоните сорти на грозје се историја и традиција и секогаш се поврзуваат со специфични услови на одгледување –познато како тероар (клима, почва, традиција) и на се ова ќе се додаде и љубовта во одгледување на лозата и производството на вино, вткаена во различните вкусови во финалниот производ виното.

Во однос на овие сорти, можеме да кажеме дека во последните десетина години се посветува големо внимание на автохтоните сорти. Ние имаме само една автохтона сорта тоа е сортата ,,станушина” која потекнува од Tиквешкото виногорје. Во рамките на популацијата има значителна варијабилност, па треба да се работи на издвојување на вариететите се со цел да имаме унифицираност во новите лозови насади.

Станушината во производствени насади се одгледува само во Тиквешкото виногорје на површина од околу 240 хектари. Таа е сорта која издржува суша, доста е отпорна на болести во однос на другите сорти кои доминираат во производствените насади (,,вранец”, ,,смедеревка”, ,,шардоне” и други), и се разбира дека треба да се даде поголемо значење во структурата на сортиментот, посебно за производство на розе вина. Со избор на локација, односно микролокалитети, може да се одгледува по процедурите за органско производство, односно органско грозје.

Кои сорти на грозје и вино се тренд во светот, а кои кај нас и каде се наоѓа македонското лозаровинарство на таа светска мапа, како котираме?

– Голема е понудата на глобалниот пазар, како на сортни вина, така и на разни типови и брендови на вино. Во светски рамки доминираат вина од сортите ,,каберне совињон”, ,,мерлот”, ,,совињон бланк”, ,,ризлинг”, кои се разбира ги има и кај нас. Но една од најбараните и најценета сорта во светот е ,,бургундец црн” (pinot noir). Оваа сорта кај нас покажа одлични резултати во однос на приноси, содржина на шеќер, одлично се прилагоди во одредени виногорја со посвежа клима, но не си го најде своето место во нашиот сортимент. На светската винска мапа се забележуваат различности помеѓу регионите и секој има свои карактеристики, како по микроклимата, тероарот, така и по традициите кои ги негуваат. Многу бавно оди промената во структурата на сортиментот, затоа што виновата лоза е култура која има долг период на експлоатација (25 години), многу вложувања во подигнување на нов насад, па затоа промената на сортиментите и на глобално ниво не оди толку брзо.

Ние располагаме со околу 25.000 хектари лозови насади од кои 60 проценти или 15.000 хектари вински сорти. Годишното производство на винско грозје се движи од 100 – 130 милиони килограми и 90-100 милиони литри вино. Годишно се извезува од 60-70 милиони литри од кои 1/3 во шишиња и тоа главно на европските пазари и во регионот, а во последните години се освојуваат и нови пазари, при што се остварува девизен прилив од 20-25 милиони евра на годишно ниво. Сето ова укажува дека и тоа како нашите вина се барани на глобалниот пазар, но сепак треба малку да се свртиме и на зголемување на потрошувачката на вина во шишиња, каде има поголема додадена вредност. Големите винарии, кои се економски појаки инвестираат многу во маркетинг и ги промовираат македонските вина со учество на светски познати саеми, дегустации итн.

Што би им порачале на лозарите, а што на винарите?

– Лозарите се вредни луѓе и работат со почит кон лозата и ја негуваат традицијата. Лозарите треба да прифаќаат и да воведуваат нови технологии во производството на грозје, се во насока на производство на квалитетно грозје. Квалитетно вино може да се произведе само од квалитетно грозје, што значи дека лозарот и винарот безусловно ги поврзува квалитетот ,,грозје-вино”. Со една препорака, да произведуваат квалитетно грозје, а винарите квалитетно вино и да го ценат трудот на вредниот лозар.

Каде го гледате лозаровинарството во наредните десетина години?

– Лозарството и винарството се два сектора кои се поврзани и нивиот развој е поврзан секогаш со светскиот тренд на побарувачката на вино. Голем дел од виното кај нас е извозно ориентирано и токму кон тоа се стреми оваа гранка за освојување на нови пазари, пред се пласман на вино во шише. Македонија има потенцијал за зголемување на површините под лозови насади во виногорја кои имаат потенцијал, но треба да се води сметка за правилен избор на сортите.

Со измените во законот за вино во 2019/2020 година, на сопствениците на лозови насади им се овозможи да регистрираат и мали семејни винарии за преработка на сопственото грозје, за производство на вино и производи од грозје. Со тоа се овозможува и развој на вински туризам и на други сродни гранки.

Има ли интерес кај младите да изучуваат земјоделски науки и дали таа заинтересираност расте или опаѓа во изминатиов период?

-Вистински одбрана професија е предуслов за професионална продуктивност и задоволство на личноста. За таа цел потребно е правилно насочување на индивидуите за нивниот професионален избор. Мотивацијата на младите е предуслов за било која професија, па така и за оваа, односно за лозарство и винарство.

Младите имаат интерес да ја изучуваат оваа професија. Поголем дел од нив уште во почетокот на студиите покажуваат спремност за предизвиците кои следуваат, како во текот на студиите, така и по завршувањето. Наставните програми се усогласени со тие од препознатливите европски универзитети. Студентите имаат можност во текот на студирањето да поминат семестар или година, на некои од европските универзитети преку Еразмус + програмата за мобилност. Исто така, и практичната настава која е задолжителна, почнувајќи по завршување на прва година, имаат можност да ја реализираат освен кај нас и во други институции или винарии, во голем број на европски земји.

Оваа професија им нуди на младите да се вклучат и во научни истражувања, да учестуваат на семинари за млади истражувачи, кои се организираат од страна на студентите од различни универзитети низ целиот свет.


Администратор
14/02/2021 11:00