Туризмот годинава полека, но сигурно ќе се враќа во нормала. Се уште главна потпора ќе бидат домашните и гостите од регионот. Руралните области ќе го доживеат својот пик во посета на гости и покрај тоа што ќе се преферираат кратки патувања во помала група луѓе или семејства. Кампањата за подигнување на свеста на домашните туристи за домашниот туристички потенцијал „Дома си е дома” продолжува и натаму откривајќи што се може да се посети во земјава, според мерките и протоколите за заштита од КОВИД, велат од Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот. (АППТ).
Според Агенцијата, во моментов, Демир Капија и Дојран интензивно работат на збогатување на туристичките содржини.
-Демир Капија, покрај Демиркаписката Клисура и виното, се повеќе станува дестинација и за гастрономија. Општината која интензивно работи на означување на најзначајните туристички локалитети, се подготвува и за Денот на вљубените, негувајќи ја и домашната традиција со закројување на лозјата. Акцентот на Демир Капија е ставен на руралниот туризам, како и можностите за развој на еко туризмот, што е од особена важност во време на пандемија. Винската приказна Демир Капија ја збогатува со вкусна храна, правејќи ја совршена ено-гастро дестинација за сите годишни времиња, наведуваат од АППТ.
И Дојран не застанува со подготовките за туристичката сезона 2021 година.
-И покрај тоа што најголем број на гости се очекува да бидат домашните туристи и гостите од регионот, општината дополнително поставува знаци и сигнализација и за странски туристи, правејќи го Дојран поатрактивна туристичка дестинацијата. Ено-гастро туризмот и во оваа општина е од огромно значење, со што промоцијата се става на дојранскиот крап кој може да се вкуси во оваа дестинација која претентира да биде една од посериозните еко-пријателски дестинации за одмор, стои во соопштението од АППТ.