Дваесет и шест единици крв беа обезбедени денеска во крводарителска акција во винарската визба „Тиквеш“ во Кавадарци, во организација на кавадаречкиот Црвен крст и Институтот за трансфузиологија Скопје.

Претседателот на Црвен крст Димитар Каракулев рече дека кавадарчани и росоманци отсекогаш се наоѓаат на врвот по хуманост во државата. Тој појасни дека минатата година Општинската организација од Кавадарци реализираше 2.088 крвни единици и со тоа се наоѓа меѓу најдобрите организации во државата.

Заедно со дел од вработените, крв даруваше и оперативниот директор Гоце Марков.

-Ова е една од многубројните активности преку која ја покажуваме нашата хуманост, особено во период кога се бориме со пандемија и кога секоја капка крв живот значи, изјави Марков.

Тој рече дека покрај големиот број општествено одговорни проекти и активности, најдраги им се ваквите акции.

-Затоа што заеднички спасуваме нечии животи, додаде тој, нагласувајќи дека оваа акција е уште позначајна во период кога потребата од крвни единици е зголемена.