Советот за развој на Југоисточниот плански регион ќе бара од Министерството за транспорт и врски да ја вклучи површината на Моноспитовско блато во локациите што се приоритетни за прскање против комарци годинава од страна на овој ресор, како примерот со Дојранското Езеро.

Градоначалниците од десетте општини од Југоисточниот плански регион го донесоа овој заклучок заради недостапноста на теренот и немањето можност да се изведе аеросолна дезинсекција од земја, бидејќи Моноспитовското блато претставува најголем извор на комарци во овој регион.

-Советот донесе одлука за заемна активност на општините за третирање на комарци во 2021 година по земјен пат, врз основа на која ќе се извршат две ларвицидни и три адлутни третирања против комарци, односно три теристички аеросолни дезинсекциии против возрасни комарци со УЛВ метода и две ларвицидни дезинсекции на териториите на десетте општини од регионот, додаваат во информацијата од Центарот за развој на овој регион.

Одлука е донесена порано за да се запазат роковите и препораките од Центрите за јавно здравје за навремено прскање против комарци и да се следат препорачаните интервали на прскање и третирање за да се зголеми ефикасноста, да се добие најдобар резултат од овој процес и да се заштити здравјето на граѓаните од југоисточниот регион.

Моноспитовското блато некогаш било распространето на површина од 5.000 хектари, а денеска овој локалитет има површина од 400 хектари. И покрај неколкуте иницијативи се уште не е прогласен за заштитено подрачје.