Заврши реконструкцијата на училишната спортска сала во основното училиште „Христијан Тодоровски Карпош“ во село Драгоманце, општина Старо Нагоричане, информираа денеска надлежните од училиштето.

Директорката на учииштето, Анета Станковиќ Јанковска, информираше дека реконструкцијата се спроведувала во рамки на проектот „Реконструкција на фискултурна сала и поставување на нови прозори, врати и подови“. Со проектот објектот доби нов современ изглед, ставени се нови ПВЦ-врати и прозорци, отстранети се старите слоеви на ѕидовите, променет е кровот, ставена е термичка фасада, нови подови и осветлување и две помошни простории кои ќе служат како соблекувални.

– Проектот е обезбеден од Македонскиот центар за граѓанско образование (МЦГО) Скопје, а финансиран од Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) со учество од 1.517 591 денари директна финансиска поддршка на локалната заедница во износ од 510.796 денари, а изведувач е АНОЛ Импекс-Скопје. Вчера организиравме технички прием на кој присуствуваа претставници од надлежните институции вклучени во реализацијата на проектот за реконструкција, претставници од МЦГО, УСАИД, градоначалничката Жаклина Јовановска, претставници од градежната фирма „Анол Импекс“ и консултантска компанија за надзор при изработка BAR E.C. E, изјави Станковиќ Јанковска.

Претходно објектот бил нефункционален, а сега се создадени услови за реализација на часовите по физичко и здравствено образование и простор каде учениците ќе се рекреираат и културно ќе се докажуваат на сите спортски натпревари, културни манифестации и приеми што ги организира училиштето.

Во ова училиште во селото Драгоманце, заедно со подрачните во Пелинце, Челопек и Арбанашко во оваа учебна година имало 70 ученици од прво до деветто одделение и според одговорните, овој број на ученици се задржувал во континуитет низ годините наназад.

Во училиштето настава следат ученици од рурална средина од разбиен тип, за секој ученик има обезбедено бесплатен превоз од дома до училиштето и обратно. Одделенската настава се изведува во комбинирани паралелки по најсовремени методи со примена на ИКТ вештини и други дидактички средства.