Општина Крива Паланка формираше комисија за категоризација на сместувачките објекти од мал обем, а сите сопственици на вакви објекти можат да поднесат барање достапно на општинската веб-страница.

– Процедурата за добивање решение за категоризација започнува по поднесување барање до Општина Крива Паланка од страна на физички лица кои вршат угостителска дејност од мал обем. Комисијата го разгледува барањето, врши увид на објектот и ги утврдува минимално-техничките услови,по што доколку се исполнети условите изготвува решение за извршена категоризација, кое подносителот ќе го добие во рок од седум дена. Согласно законската регулатива, физичките лица што вршат угостителска дејност од мал обем може да изнајмуваат куќи, апартмани, викендици и соби за одмор во индивидуални станбени објекти чиј сопственик е носител на правото на користење. Исто така, може да изнајмуваат станови за одмор и соби во колективни станбени згради, информираат од службата за комуникација со јавностa при Општина Крива Паланка.

Угостителска дејност од помал обем има и кога физичките лица вршат услуги во селски домаќинства со издавање соби и апартмани, чиј сопственик или носител на право на користење е член на селско домаќинство и тоа најмногу до 10 соби или 20 легла, а во селски домаќинства може да се подготвуваат и послужуваат топли и ладни јадења, пијалоци и напивки главно од сопствено производство, најмногу за 50 лица, излетници, истовремено.

Физичките лица кои ќе ја обавуваат оваа угостителска дејност треба да достават: барање за категоризација на угостителски објекти и барање за упис во Регистар на физички лица кои вршат угостителска дејност достапни на веб-страницата на општината www.krivapalanka.gov.mk.