Територијалната противпожарна единица во Струга доби теренско возило, донација од струшки бизнисмен, кој сака да остане анонимен за јавноста.

На промоцијата присуствуваа градоначалникот на Општина Струга Рамиз Мерко и претставници на противпожарната единица, кои изразија благодарност за донацијата.

– Општествената одговорност е главен двигател во општеството. Важна е за развивање на градот и туризмот, а безбедноста на граѓаните на Струга е секогаш приоритет, истакна Мерко.

Возилото, кое располага со резервоар од околу шест тона, додаде, ќе го подобри возниот парк и ќе ја зголеми ефикасноста на ТППЕ Струга.

– Со новото возило ќе се зголеми безбедноста и заштитата при пожари, а со тоа ќе се зголеми и ефикасноста на струшките пожарниари, рече градоначалникот Мерко.

Возниот парк на струшката пожарна располага со четири противпожарни возила и еден теренски џип.