Општина Велес преку Агенцијата за млади и спорт со ангажирање на велешката фирма „Делта Пром" работи на реконструкција на трибините на фудбалскиот стадион во Велес.

– Реконструкцијата е во завршна фаза. Градежните работи во моментов се изведуваат на новата гостинска навивачка трибина за стоење, која ќе биде засебна и одделена со ограда од домашната публика. За неа има и посебен влез од страната на паркот, за да нема мешање на двете фудбалски навивачки групи, информира за МИА Ване Јаваз од „Делта Пром".

Трибината е со бетонска подлога и е за стоење со должина од 60 метри или околу 360 метри квадратни и со пет реда. Помеѓу редовите ќе им железна ограда, а напред заштитна ограда од 2 метри и 90 сантиметри. Претходно беше реновирана и трибината за стоење за домашната публика, лоцирана од спротивната страна која е долга 30 метри и широка 15 метри.

Од другата страна на стадионот, блиску до столчињата за седење во наредните денови ќе бидат направени и два тоалети за публиката. Тоа е поранешната барака – соблекувална на членовите на Атлетскиот клуб „Изгрев". Членовите на клубот атлетичари, кои тренираат на атлетската стаза на фудбалскиот стадион и во паркот, деновиве остро реагираат до локалната власт која планира нивната барака на клубот да ја преадаптира во тоалети.