Рекордни 106 мостри пристигнаа на натпреварот за најдобри вина и ракии произведени во домашни услови што го организира Општина Неготино.
Енолози од македонското Здружение на винари моментно вршат дегустација на пристигнатите примероци од индивидуални производители. Натпреварот е во чест на верскиот празник „Свети Трифун", кој се смета за заштитник на лозарите и винарите. Се дегустираат бели, црвени и розе вина, како и ракии.
Секретарот на Локалната самоуправа Неготино, Ивица Златковиќ изрази задоволство од, како што рече, се поголемиот интерес за учество на ваквите натпревари и се поголемиот квалитет.
-Исто така, радува фактот што се повеќе мостри се доставуваат во стакло. За разлика од порано, кога околу осумдесет проценти од примероците на вина и ракии беа во пластична амбалажа, изјави Златковиќ за МИА.
Според Здружението на енолози, се забележува дека домашните производители на домашни вина и ракии ги почитуваат експертските совети, што резултира со квалитетно производство кое во иднина може да прерасне во мали фамилијарни бизниси.
Настанот се одвива во салата за дегустација на винаријата ,,Венец" во неготинското село Долни Дисан.
Наградите за најдобрите производители ќе се доделат во недела на празникот „Свети Трифун".