Советот на Општина Велес на вчерашната 71-ва седница донесе одлука за измена на распределбата на средства во буџетот на Општина Велес за 2021 година.
Како што информира за МИА Кирил Гајдов, претседател на Советот, измена на средства е направена во Програмата за изградба и реконструкција на локални патишта, улици и мостови, во износ 2,8 милиони денари.
Тие треба да се пренаменат во Програмата за капитални трошоци на Општината, за набавка на софтвер за зонско паркирање во градот, во износ од 1,5 милион денари, како и 1,3 милион денари за набавката на таблети за ученици од социјално ранливи семејста од велешките училишта, кои веќе се обезбедени и поделени на учениците.
За зонското паркирање при крај е тендерската спецификација и наскоро треба да стартува постапката за набавка на овој софтвер, што е предуслов во Велес наскоро да се воведе. Гајдов информираше дека Советот на Општина Велес вчера донел одлука и за проширување на средства на Буџетот на Општина Велес за 2021 во износ од 1.752.000 денари, односно пренесен е вишокот на приходи од претходната година. Овие средства му се дадени на ООУ „Блаже Конески“ од Велес да ги задоволи потребите за набавка на нафта за затоплување за оваа 2021 година.