Општина Штип, штипското комунално претпријатие „Исар“ и универзитетски професори и научници од лабараторијата „АМБИКОМ“ при Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип заеднички ќе ги прават плановите за управување со отпадот на локално ниво, но и како да нема загадување на животната средина.

Универзитетскиот професор Дејан Мираковски вели дека денеска е првата средба со сите релевантни институции, а целта е преку примена на едноставни методи, кои се користат во развиените земји, да се дојде до резултати. Очекуваат и поддршка од граѓаните при реализација на идеите.

-Првиот чекор ќе биде изработка на соодветен план за управување со отпад. Ние како стручна група и локалната власт ќе го направиме и ќе ги разгледаме сите аспекти на неговата имплементација, од превенција, до собирање, транспорт, мониторинг на резултатите од тоа. Значи, прв чекор е планот, кој набрзо по овој состанок ќе биде и ставен во форма како стратешки документ, изјави Мираковски.

Посочи дека правилното управување со отпадот не е евтина постапка, а управувањето со отпадот мора да биде поддржано од властите или регулаторите, секое фрлање на отпадот на улиците или во природата е голема штета за животната средина.

Градоначалникот на Штип, Сашко Николов, вели дека целта е да се направи селектирање на комуналниот отпад, проблем кој го има секоја општина.

-Ова е прв чекор во процесот којшто следува во идниот период, за да можеме на нашите граѓани да им обезбедиме соодветно селектирање и собирање на комуналниот отпад и на тој начин да обезбедиме чиста животна средина, од една страна, а од друга страна да ги намалиме комуналните трошоци за ѓубрарина на нашите сограѓани, рече Николов.