Во Берово објавен јавен повик за ангажирање негуватели кои ќе бидат дел од проектот „Возврати со љубов, грижа и почит“. Јавниот повик, како што информираа од Општината, предвидува ангажирање на 23 кандидати, кои ќе пружаат услуга на стари и изнемоштени лица, а истиот се реализира во соработка со Домот за стари лица во Берово и Министерството за труд и социјална политика.

-Како дел од јавниот повик, предвидено е ангажирање на 20 негователи на стари и изнемоштени лица во домашни услови, еден возач, еден координатор на проектот и еден асистент на координаторот на проектот. Ангажманот се однесува за пола работно време од 4 часа дневно или 20 часа неделно, информираа од Општината. Проектот како што додадоа, ќе понуди помош и нега во домашни услови, за стари и изнемоштени лица на територијата на Општина Берово и лица кои живеат во руралните населби.

-Со проектот ќе бидат опфатени 60 (шеесет) стари лица, од кои со место на живеење во градот Берово, во зависност од потребата и во осум селски населби на територијата на општина Берово, а кои имаат над 65 години, живеат сами без секојдневна грижа и нега која им е потребна, имаат лоши услови за живот и кај кои постои отсуство на редовни лекарски прегледи и слично, додадоа од Општината.

За повеќе детали од општината заинтересираните за јавниот повик ги упатија да ја посетат општинската веб-страница каде се наведени сите детали од проектот „Возврати со љубов, грижа и почит“. Рокот за аолицирање е предвидено да трае до 24 февруари 2021.