Територијалната противпожарна единица од Кочани доби современа опрема за интервенции и спасување повредени лица во тешки сообраќајни несреќи и од урнати објекти.

Опремата е донација од Дирекцијата за заштита и спасување и со неа значително се подобруваат материјалните услови на пожарникарите за интервенирање на отворен простор.

-Помошта што ја добивме е по наше барање и ќе претставува надополнување на постојната опрема со хидраулични ножици и други помагала со кои располага нашата единица. Сега ќе имаме можност и за кревање тешки возила или делови од срушени објекти со тежина до 25 тона. Неодамна добивме и специјално возило – дигалка со скали за интервенции при пожари кај високи објекти, со што постепено се опремуваме за дејствување во специфични ситуации, истакна Благој Паунов, командир на Територијалната противпожарна единица – Кочани.

Покрај донираната опрема, кочанските пожарникари ќе добијат и обука за нејзино правилно користење при интервенции кај сообраќајни несреќи, временски непогоди и слични ситуации.

Минатата година ТППЕ – Кочани имала 348 акции за гасење пожари и за технички интервенции, од кои околу 70 отсто биле на отворен простор, а останатите се кај опожарени објекти и за спасување лица во сообраќајни и други несреќи.