Околу 20 милиони денари се предвидени за реконструкции на улици, водоводни и канализациски мрежи во Штип. Градоначалникот Сашко Николов изјави дека пред старот на градежната сезона службите почнаа со подготвка и со распишување на тендерските постапки за планираните проекти.
-Во фаза на распишување тендер за асфалтирање и реконструкција на улиците, по пресметките коишто ги направивме на база на проекти, некаде околу 20 милиони денари ќе инвестира Општина Штип во рехабилитација и реконструкција на улици, канализации и водоводни мрежи, рече Николов.
Најголемата реконструкција е на улицата „Панче Караѓозов“, за којашто средствата пристигнуваат од централната власт, но овде ќе се заменуваат старите водоводни и канализациски цевки, ќе се отстрануваат коцките од улицата, по што и ќе се асфалтира.
-Оваа улица е голема, почнува од супермаркетот „Туш“ и завршува до пред „Елкос“. Овде да не ја заборавиме крстосницата „Сремски фронт“ и „Борис Крајгер“, потоа тротоарните конзоли на реката Отиња, за коишто завршија премерите на ИЗИС и сега сме во фаза на градежно одобрение и таму фазно ќе се градат конзолите, посочи градоначалникот.
Тој истакна дека се работи и на основниот проект за продолжување на булеварот „Партизанска“, но реализацијата на овој проект ќе зависи од изградбата на типските куќи за социјално ранливите семејства, кои живееја долж оваа улица. Од буџетот на Општина Штип годинава ќе се реконструираат улиците „Личка“, „Солидарност“, „Браќа Даневи“.
Штипскиот градоначалник Сашко Николов денеска ја посети приградската населба Три Чешми, каде што двете јавни комунални претпријатија „Исар“ и „Стипион“ работат на бетонирање кракови на четири улици, а се уредува и паркот, со нови патеки и нови содржини за децата.