Продолжување на поддршката на учениците со попреченост, најава за нови можности за стипендирање на ученици со нетипичен развој како и подобрување на пристапноста на училиштата од Крива Паланка беа теми на разговор на средбата помеѓу градоначалникот на Крива Паланка, Борјанчо Мицевски и претседателката на Здружението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива”, Благица Димитровска.
-На средбата се разговараше за претстојните активности од проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран” кој го реализира Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор” заедно со партнерот ,,Инклузива” и Здружението за давање услуги на лицата со попреченост „Хендимак”. Овој проект се реализира во соработка со Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието, а финансиски е поддржана од страна на Европската унија и во рамки на истиот во Крива Паланка тековната учебна година 2020/21 се стипендираат четири дечиња со попреченост, од прво и второ одделение од двете основни училишта во Крива Паланка, ООУ „Илинден” и „Јоаким Крчовски”, а од „Инклузива” најавуја дека и во септември овој тренд ќе продолжи, рече Мицевски.
Димитровска информира дека и следната учебна година ќе биде објавен јавен повик за стипендирање ученици со попреченост, во кој за првпат ќе можат да конкурираат покрај дечиња со нетипичен развој и деца со оштетен вид, слух, говор, како и деца со Даунов синдром и сл.
-Во претстојниот период заедно со учлиштата ќе работиме на индентификација на децата со попреченост и нивните потреби, организирање стручни обуки за наставниот кадар, како и на мониторинг и евалуација на досегашните активности на грантистите, рече Димитровска.
Според Мицевски, основните училишта од Крива Паланка ќе конкурираат и на повикот за грантови за подобрување на пристапноста за лица со попреченост, што подразбира адаптација на сензорни соби, набавка на асистивна технологија и изградба и опремување на инклузивни игралишта.