Штипската Клиничка болница годинава ќе има буџет од 488 милиони денари. Директорот на Клиничка болница-Штип, Ален Ѓеорѓијев за МИА вели дека очекуваат во јуни да добијат дополнителни средства. Појаснува дека сите болници на крајот на 2020 година до Фондот за здравство доставиле свои предлог буџети, а по разговорите и елаборирањето на буџетите, секоја болница добива средства. Очекува оваа година од партиципација на пациентите, да се инкасираат околу 60 милиони денари. Овие средства се планирани со оглед на тоа што во болницата се уште најголемиот терет го носи Ковид центарот. Лани не се реализирани над 200.000 евра од партиципација на пациентите, бидејќи болницата мораше да се реорганизира во делот на работењето и функционирањето на одредени одделенија.

-Во оваа 2021 година буџетот на Клиничка болница е 488 милиони денари. Ние се прилагодивме на буџетот, кој ни е одобрен како договорен надоместот од страна на Фондот за здравство. Направен е планот, остануваме посветени и на она што досега го работевме, вели Ѓеорѓијев.

Во регионалнта болница, којашто е проектирана за над 200.000 пациенти од источниот и дел од југоисточниот регион ќе има и нови вработувања, набавка на нови апарати, воведување нови методи и како што вели Ѓеорѓијев и се што согласно законските обврски вработените го добиваат навреме.

-Се надевам дека оваа година ќе биде многу подобра од 2020 година, а во 2021 година ќе се посветиме на она што ни е основна работа, ќе се вратиме на сите оние процедури и работи, коишто за жал мораа еден период минатата година суспендирани, поради пандемијата со коронавирусот. Очекувам да се вратиме пополека во нормала и дека ќе почнеме да ги работиме сите работи, за коишто е спремна Клиничка болница да ги работи и натаму ќе го имаме приматот на регионален чувар на здравјето на граѓаните во источна Македонија, вели Ѓеорѓијев.

Забележува дека буџетот на болницата е зголемен, но не во обемот, којшто го очекувале, но Ѓеорѓијев е дециден дека мора да го ценат државниот денар.

-Во 2021 година имаме планирано околу 50 вработувања и ќе се трудиме да ги спроведеме сите. Влезени се во систематизација и во Планот за вработување во 2021 година. Тој е одобрен и може веќе и да бараме за барање од Министерството за финансии за да почнеме со тие постапки се со цел да ги пополниме, оние места, кои се дефицитарни. Во рамките на новите вработувања ќе имаме и во делот на администрацијата, помошно-техничкиот персонал и во делот со здравствените работници.

Ѓеорѓијев во разговорот за МИА вели дека со парите од новиот буџет ќе се прават и поголеми поправки на апаратите, како што е на компјутерскиот томограф, потоа на апартот за правење операции за катаракта или народски познато како перде на очите. Но и ќе имаат и набавка на современ ехо-апарат.

Модуларната болница ќе ги спаси европските пари за реконструкција на Инфективното одделение

Објектите на новата модуларна болница се поставени, деновиве веднаш се распишува и јавната набавка за изградба на станица и за централен довод за кислород во модуларната болница.

-Тука имаме повеќе фази, поставување на објектите, приклучоци за струја и вода, по што ќе остане опремувањето на модуларната болница, коешто треба да го заврши Министерството за здравство и овој дел којшто се однесува за снабдување со кислородот, кој е наша обврска. Знаете дека работите некогаш не зависат од нас, секоја работа треба да оди на тендер и се надеваме дека во рамките на очекуваното ќе заврши, таа јавна набавка и да почне со работа модуларната болница, вели Ѓеорѓијев.

Модуларната болница е сместена над зградата на Педијатрија, има посебен влез и излез за пациентите и за амбулантните возила, коишто ќе пристигнуваат до неа. Нејзиното ставење во функција ќе ја рестерети болница во делот на обезбедување на нови болнички кревети,а овој објект ќе ги спаси и европските пари за реконструкција на Инфективното одделение, кое од март е регионален Ковид-центар.

-Во 2020 година ни остана незавршен проектот, а тоа е комплетната реконструкција на зградата на Инфективниот оддел, беше и потпишан и договор со градежната фирма. Тоа е европски проект, преку програмата за Меѓугранична соработка со Бугарија и којшто опфаќаше реконструкција на зградата, замена на сите прозорци, вратите, на фасадата, а со изградбата на модуларната болница ќе ни се отвори шанса, час поскору да почнеме и да ги завршиме обврските, вели Ѓеорѓијев.

Станува збор за средства од околу 200.000 евра, а со сопствени средства болницата додека се одвива реконструкцијата ќе постави и одвод за кислород во болничките соби на Инфективното одделение. Во моментов пациентите, кои се на кислородна поддршка, потребниот кислород го добиваат преку овие големи боци. Ѓеорѓијев вели дека во јануари имаат помал притисок од пациенти за болничко лекување. Тоа се гледа и низ бројките, минатите недели имаше и денови кога половина од болничките кревети беа слободни. Здравствените работници, кои секојдневно ја бијат битката со коронавирусот велат дека карактеристично е што во овој период голем дел од пациентите се со потешка клиничка слика или имале компликации од вирусот.

Пет млади лекари очекуваат да добијат специјализации

Штипската Клиничка болница очекува годинава да се реализираат пет специјализации, односно младите лекари, кои веќе се вработени да бидат испратени на специјализација. Потребни се специјализации за пет гранки и тоа Инфектологија, Анестезиологија, Неврохирургија, Максиолофацијална и Ортопедија. Младите лекари, кои чекаат да заминат на специјализација се ангажирани во Ковид-центарот и како што вели Ѓеорѓијев работат како секундарци, односно на помош на постарите колеги специјалисти. Лани поради пандемијата ниту еден млад лекар нема добиено специјализација.

-Ние имаме неколку лекари на коишто им немаме поделено специјализација. Нивните аспирации и нашите желби за специјализации се ставени во таа рамка. Меѓутоа еве да речеме имаше некоја диспропорција, бидејќи се работи за петгодишен план и имаше таму до 2022 година, кога ние како Клиничка болница ќе ги добие специјализациите, вели Ѓеорѓијев.

Посочи дека испратиле барање до Министерството за здравство за корекција, но и порано да се испратат лекарите на специјализации и се надева дека оваа година, овој проблем ќе се испегла со ресорното Министерство. Оваа година планирано е вработување на околу пет лекари, проблеми на конкурсите немаат, бидејќи на нив се јавуваат млади лекари не само од Штип, туку од целиот источен регион.