Ако сакаме да имаме ефикасност во работењето, ако сакаме да имаме зголемена безбедност на граѓаните, ние мораме да имаме и мотивирани полициски службеници. За да имаме мотивирани полициски службеници, првиот предуслов е да направиме добри услови за работење и добро да бидат опремени. Секако, да имаат и добри месечни примања, со цел и економски да бидат сигурни и стабилни заедно со семејствата, порача денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во Кавадарци, каде по 40 години е реконструирана зградата на полицијата.

-Согласно на планот за реализации и реконструкции на објекти и подобрување на условите за работа за вработените во Министерството за внатрешни работи, завршена е темелна реконструкција на објектот на ОВР Кавадарци. Посебно ми е драго што колегите од оваа организациска единица добиваат квалитетно саниран работен простор. Тоа во многу ќе придонесе за подобрување на квалитетот и стандардот на работењето и услугите кои полицијата ги врши како нивен сервис, изјави министерот.

Спасовски потсети дека дел од објектот претходно беше многу оштетен. Тоа, додаде, претставуваше објективна тешкотија при извршувањето на работите за вработените, но и за граѓаните при остварувањето на нивните права.

-Горд сум што и покрај пандемијата, успеавме да ги завршиме градежните активности во предвидениот рок. Активностите започнаа кон средината на октомври и за многу краток период реконструиравме четири објекти во Република Македонија, што претставува исклучителен резултат. Посебно сакам да истакнам дека за овој објект, од буџетот на Министерството за внатрешни работи одвоивме 8 милиони и 712 илјади денари. Ние нема да застанеме тука, нагласи министерот.

Тој додаде дека и оваа година ќе се продолжи со несмален интензитет и информираше дека во моментов се работи на реконструкција на три објекти. Целосна реконструкција во Кавадарци, ОВР Ресен, реконструкција на објектот на полициското одделение во Маврово Ростуше. Ќе се продолжи со ОВР Прилеп, полициска станица Крушево и полициските одделенија во Чашка и во Дојран. Финансиски средства веќе биле обезбедени од буџетот на МВР.

-За нас и натаму ќе останува императивно прашањето за квалитативно и квантитативно подобрување на материјално техничките услови на сите наши вработени. Затоа оваа активност оди во континуитет. Секако дека за 2021 планираме и градба на две нови згради коишто се составен дел на Секторот за внатрешни работи во Скопје, соопшти министерот.

Задоволство од реконструираната зграда на полицијата изрази и кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев.

-Го разгледавме објектот на полициската станица, ОВР Кавадарци. Морам да кажам дека е извршено темелно реновирање и дека условите коишто ги има внатре се од модерен карактер и карактер којшто заслужуваат да ги имаат и полициските службеници, меѓутоа и граѓаните, рече Јанчев.