Во кумановскиот Центар за култура „Трајко Прокопиев“, денеска беше отворена изложбата на скулптури од лаванда и друга диворастечка флора од Симона Манчева. Изложбата ја организираше на здружението „Биовита“, а поддржано од Министерството за култура. Кумановци имаа можност да проследат скулптури минијатури, кои го презентираат спојот помеѓу природата и уметноста.
Директорот на НУЦК „Трајко Прокопиев“, Сашо Тодоровски на отворањето на изложбата рече дека е специфична изложба која е резултат на соработката со надлежните од неготинскиот Дом на култура. Уметницата Симона Манчева рече дека досега работела на повеќе општествени проблеми, меѓу нив и за загадувањето.
-Дојдовме до идеја со здружението да направиме скулптури. Работевме на проектот неколку месеци до крајна фаза на изложбата. Целта е да ги искористиме природните ресурси кои нѐ опкружуваат и се вклопи во овој период на пандемијата-рече Манчева. Симона Манчева е визуелна уметница од Кавадарци со магистерски студии на Факултетот за ликовни уметности во Скопје.
Учествувала на повеќе групни изложби и фестивали меѓу кои: „The view from hire“ Портланд Орегон, „What is fear“ ((TQAF), „Преземање на патријархатот АПАРТ“ Феминистичка групна изложба во Берлин (2019) „Со око на маргините“ – Квир изложба на фотографии – Скопски саем викенд (2017) – Трансформации; „Нашата Фукушима“, меѓународна групна изложба, дел од Интернационалниот уметнички проект „Гогојоши“. Таа учествувала на голем број работилници во државата и надвор од неа, Словенија, Хрватска, Германија … и реализира повеќе самостојни изложби, од кои последната е „Сопство“ во Младински Културен Центар (МКЦ), Скопје во 2019 и истата годинава во Дом на култура „Иван Мазов-Климе“ во Кавадарци.