Во рамки на проектот „Изведба на енергетско ефикасни објекти и искористување на обновливи извори на енергија во јавните објекти“ направена е замена на столаријата во основното училиште „Христо Узунов“ во Охрид.

Како што соопшти Министерството за локална самоуправа, со интервенцијата се обезбедени подобри услови за настава на 1127 ученици и на 80 вработени во училиштето и дека се проценува заштедата на енергија да биде најмалку 20 отсто.

Министерот Горан Милевски соопшти дека во рамки на проектот се направени интервенции на седум јавни објекти во шест општини од Југозападниот плански регион.

– По педесет години, покрај ОУ „Христо Узунов“, интервениравме и во ЈОУДГ „8 Март“-Струга, Административната зграда-Општина Струга, ОУ „Ристе Ристески“ во Дебар, Културно-историскиот објект-Дебрца, Домот на култура – Вевчани и ОУ „Санде Штерјоски“-Кичево, пред се во намалување на трошоците за топлинска енергија. Со ова покажуваме дека приоритет ни се иднината на земјава, а тоа се младите, преку проектот на учениците им овозможиме училиштата коишто се како нивни втор дом во кој го градат своето знаење да им направиме да им биде удобно и пријатно за престој, истакна Милевски.

Како што информира Министерството, за да се намали потрошувачката на електрична и топлинска енергија, заменети се прозорци и врати во ОУ „Христо Узунов“ во Охрид. Со интервенциите е направена демонтажа на 163 стари прозорци, изработка и поставување на нови ПВЦ-прозорци, поставени се внатрешни парапетни штици со должина од 42 метри, солбанци со должина од 42 метри, обработени се и малтерисани ѕидовите околу прозорците и поставени се ПВЦ-лајсни во должина од 230 метри. Исто така, направена е замена на три влезни врати со нови ПВЦ-врати.

-Новите прозорци и врати се двојно застаклени со термоизолациско стакло, опшиени со ПВЦ рамка, со исполна од инертен гас аргон помеѓу стаклата кој има функција на изолатор. Ваквите прозорци и врати претставуваат термопакети кои обезбедуваат зголемена топлинска и звучна изолација, се енергетски ефикасни, имаат голема отпорност спрема атмосферските влијанија и се долготрајни, соопшти Министерството за локална самоуправа.

Весна Целеска, заменик-директор во училиштето „Христо Узунов“ во Охрид и наставник по историја по предметна настава вели дека се среќни што се подобруваат условите на професорите и учениците во училиштето.

– Со реновирањето, во зимскиот период за 40 насто температурата е повисока, тоа значи дека загревањето во училиштето е подобро. Досега имавме прозорци коишто беа целосно затворени, немаше ниту провев, токму ова ни значи во време на пандемија дел од наставата да се одвива непречено. Учениците коишто посетуваат настава со физичко присуство се премногу задоволни затоа што и самиот лик на училиштето се промени со промената на дограмата. Среќни сме што се подобруваат условите во училиштето на професорите и на учениците бидејќи тие се јадрото на државата, изјави Целеска.

Директорката на Југозападен плански регион, Мирјана Лозаноска, како што соопштува Министерството, вели дека овој проект бил еден од приоритетните и изгласан од заедницата во широка консултација.

-Така што, од националниот совет беше прворангиран. Преку проектот се направени интервенции во шест општини, поточно во седум јавни објекти, еден од нив е и ова училиште. Вкупната вредност на сите објекти изнесува 17 милиони денари, додаде Лозаноска.