Од вечерва на терените на Пониква почнува сезоната за ноќно скијање, со што на посетителите им се овозможува подолго да ги користат капацитетите на рекреативниот центар.

Одлично подоготвени се скијачките патеки број 1 и 3, на кои ќе работат и ски-лифтовите што пред почетокот на сезоната беа реконструирани.

Од фирмата „Еурокомерц”, која е концесионер на терените на Пониква, информираа дека во зависност од временските услови се очекува скијачка сезона годинава да трае нешто подолго, особено со користењето на ноќните термини.

– Условите за скијање се одлични, дебелината на снегот изнесува дваесетина сантиметри, а двете скијачки патеки се подоготвена со машина – ратрак и целосно се осветлени. На првиот ден посетителите ќе можат да скијаат во периодот од 17 до 21 часот. Ако има потреба во наредните денови ќе се користат и топовите за производство на вештачки снег, за да им обезбедиме целосно уживање на скијачите, истакна Благој Манев, управител на „Еурокомерц”.

Се планира ноќно скијање да има најмалку еднаш во неделата, а во зависност од интересот на скијачите можно е проширување на термините

Во измнатите две години локалната самоуправа на Кочани работеше на подобрување на условите за развој на планинскиот туризам, при што со поддршка од државата целосно беше преасфалтирани 22 километри од патот до Пониква, а проширен е и просторот за паркирање, поставени се јавни тоалети и отворен е инфоцентар.