Во соработка и консултации со општините, стопанските комори и реалниот сектор ќе се утврдуваат нови профили за запишување во средните стручни училишта во учебната 2021/2022, кои ќе одговараат на потребите на пазарот на трудот, на компаниите и на самите општини.
Консултативниот процес под мотото „Учи паметно, работи стручно“, МОН денеска го почна од Штип, каде што министерката Мила Царовска истакна дека не само што ќе се одговори на потребите на компаниите, туку утврдувањето на потребата од одредени стручни профили е важно и за економски раст и развој на државата затоа што со години, рече, се соочуваме со недостиг на стручен кадар во стопанството.
– На овој начин се обидуваме наставните програми да ги доближиме на потребите на реалниот сектор, но и да ги усогласиме на ниво на регион и локална самоуправа, според потребите на компаниите, но притоа тие ќе учествуваат партнерски со нас во подготовка на кадарот, не само во пишување на програмите, туку и во праксата која учениците ќе ја имаат во компаниите. На тој начин, ќе ги усогласиме потребите на понудата и побарувачката на пазарот на труд, но и ќе стимулираме запишување на ученици во средни стручни училишта. Затоа што тие креираат кадар кој е подобро платен од општите образовни институции зашто овозможуваат стопанството да се развива, а компаниите имаат цел да ги платат повеќе оние работници од кои имаат недостиг, изјави Царовска.
Потсети и дека МОН првпат оваа година обезбеди средства за стипендии за технички науки и дека тоа има резултати зашто ги стимулирало учениците да се запишуваат во стручните училишта.
Наташа Јаневска од Стопанската комора на Македонија изјави дека целта е да се креираат програми кои се барани на пазарот на трудот, зашто недостига стручен кадар и вештини кои влијаат на конурентноста на компаниите и на надворешниот пазар, дека тоа ја намалува нивната продуктивност и ликвидност. Затоа е неопходна промена на уписната политика и понудата на профили и е потребно флексибилно и функционално стручно образование што ќе им даде на компаниите квалификуван кадар.
– Од анализираните компании, 65 отсто кажаа дека има недостиг на пазарот на труд, а најмногу се барани занимањата за кои е потребна мануелна работа – месари, касапи, бравари, заварувачи, машински техничари, електротехничари, рече Јаневска која, рече, резултати ќе се добијат само низ ваква соработка, а не реалниот сектор и образованието да бидат два паралелни света.
Но и самите компании, нагласи таа, треба да ги отворат вратите за практична обука на учениците, каде што тие ќе ги изградат вештините, да организираат промотивни настани и да одвојат дополнителни стимулативни средства како надомест за работата на учениците кои ќе бидат кај нив на пракса.
Идејата ја поздравија градоначалниците на Штип и Пробиштип, Сашо Николов и Драган Анастасов, зашто сметаат дека ваквиот пристап овозможува вклученост и на општините во креирањето стручни профили со што ќе се зголеми конкурентноста на локално, регионално и на национално ниво.