Здружението за имплементација на нови технологии „Иноватор“ од Куманово почнува со формирање Академија за напредни технологии.
Првиот едукациски пакет кој ќе опфаќа работа со 3Д принтери веќе е во завршна фаза, здружението подготвува промоции, а уписот ќе почне овие денови.
-Идејата е да ги опфатиме сите возрасти и поголем број технолошки правци. Едукацијата сè уште не е започната, сè уште сме во фаза на подготовки. Напредокот и технологијата се области што секогаш се интересни и фасцинантни. Сметаме дека има многу вљубеници во истражување и иноваторство, па дојдовме до идеја да оформиме едно катче каде овие луѓе ќе можат да се дружат, да споделуваат идеи, заеднички да истражуваат и соработуваат. Секако, она знаење што ние веќе го имаме стекнато сакаме да го пренесеме понатаму, па за таа цел во рамки на Здружението ја оформуваме оваа академија. Идеја ја планираме подолг период, меѓутоа поради Ковид 19 кризата не започнавме порано, изјави претседателот на „Иноватор“, Игор Тимчевски.
Според Бобан Поповски, професор по информатика при ООУ „Крсте Мисирков“, претходно направиле анкети за која технологија би имало најголем интерес и врз основа на резултатите одлучиле да почнат со 3Д принтери.
-Како прв едукациски пакет ќе биде изучување на работа со 3Д принтери, вклучувајќи моделирање, практична работа и самостојни проекти. Планираме да се реализира во три наставни целини: почетен, напреден и развоен курс, соодветно. Понатаму планираме нови едукациски пакети кои ќе вклучуваат работа со ЦНЦ машини, дронови, ардуино, роботика и слично, вели Поповски.
Од „Иноватор“ таргетираат две целни групи, помлади генерации, основци и средношколци, на кои ќе им се пренесе знаењето и тие самостојно ќе напредуваат во технолошко-иновативен правец. Другата целна група се повозрасните вљубеници во технологијата, на кои таа им е хоби, како и луѓе кои сметаат дека може да изработат иновативни технолошки проекти.
Тимчевски смета дека веќе има создадено група на луѓе со слични идеи и размислувања, инженери, професори, професионалци кои сакаат да учествуваат во ваква активност, да го споделат своето знаење, а воедно и тие да имаат средина во која ќе ги реализираат своите идеи.
-Живееме во интересно време, со интернет комуникацијата многу работи ни се достапни и на дофат, а сепак нашето опкружување е инертно и по малку летаргично. Прогресот и иновациите се дел од основниот човечки ген, па ќе направиме сè што можеме да дадеме поттик да заинтересираме што поголем број луѓе за оваа идеја и понатаму ќе создаваат, вели Тимчевски.
Поповски, пак, е убеден дека во опкружувањето има огромен капацитет и дека ќе бидат иницијалната каписла која ќе придонесе за интензивирање на оваа активност.