Министерот за информатичко општество и администрација Јетон Шаќири денеска ја посети Општина Куманово, со градоначалникот Максим Димитриевски ги посети канцелариите и утврди дека системот за управување со документи (ДМС-систем) функционира одлично и како пилот-проект овозможува комуникација на Општината со 20 министерства.
– Системот за управување со документи има цел да се подобри работата во државните институции и преку него е можно да се обработат документи и да се извршат процеси во државните институции кои треба да се реализираат целосно во електронска форма, изјави министерот Шаќири.
Според него, системот овозможува побрза и поефикасна меѓуинституционална комуникација, со што се овозможува целосно дигитализирање на архивите или сите процеси на работа на институцијата.
– Со поедноставни зборови, како министер и како институции ќе имаме можност да добиваме разни документи во електронска форма и да ги потпишеме во електронска форма. На тој начин заштедуваме време, обработка на документи, но исто така заштедуваме напор и трошоци за материјали, хартија…, рече министерот.
Со функционирањето на ДМС, исто така, додаде Шаќири, се дава значење и на работа на далечина.
– Сите сме сведоци како во овој несреќен период на пандемија бевме принудени да ги испраќаме работниците да работат во нивните домови. Преку овој систем се овозможува работењето од дома да е полесно и поефикасно, рече министерот, нагласувајќи дека целта е во овој систем во најбрз рок да се вклучат сите институции од државата, на локално и на централно ниво.
Градоначалникот Димитриевски изјави дека целта на системот е брза комуникација на граѓаните, на вработените им ја олеснува работата, овозможува дополнителна база на податоци во Општината и побрз одговор до граѓаните.
– Целта е овој пилот-проект да напредува во дигитализација и осовременување на секојдневните работни процеси на локалните услуги кои ги дава Општината, изјави Димитриевски. Тој им се заблагодари на сегашниот и претходниот министер за информатичко општество и администрација за реализацијата на проектот и изрази уверување дека системот ќе биде унапреден.