Кумановци од денеска ќе можат да побараат услуга во просториите на „Една точка за услуги“, сместена во центарот на градот, непосредно до влезот на Занаетчискиот дом. Граѓаните можат да добијат информации за електронски услуги или да земат документи.
Министерот за информатичко општество и администрација Јетон Шаќири и градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, денеска побараа услуга од вработените, презентирајќи како функционира центарот „Една точка за сите“.
– Националниот портал Е-услуги и центарот „Една точка за сите услуги“ се многу важен дел од процесот на дигитализација. Јас лично денес побарав два вида документи од различни институции и наместо да одам и да барам услуга во две институции, заштедив време и се услужив во центарот „Една точка за сите услуги“, изјави министерот, додавајќи дека центарот ќе функционира како сервисна и регистрациона точка за граѓаните.
Тој додаде дека концептот веќе функционира во Скопје и Тетово, а ќе продолжи и во другите градови. Најави дека за кратко време ќе бидат отворени центри во Битола и Охрид. Сервисни центри ќе бидат отворени во повеќе градови со над 25.000 жители, а нема да бидат заборавни ниту оние со помал број жители кои ќе бидат опремени со уреди за издавање на документи.
Центарот овозможува закажување онлајн термини, се избегнуваат долгите редови, а граѓаните можат да го оценат вработените со скенирање на QR-код.
– Во моментов нудиме 62 директни услуги и над 800 потребни информации за добивање на услуги. Соработуваме со МВР, УЈП, Агенцијата за катастар и недвижности… И за многу кратко време имаме за цел да го зголемиме бројот на услугите над 20 повеќе од постоечките 60. До крајот на август целта е овој број да се зголеми за околу 40 услуги, а до крајот на проектот ИПА 2017 ќе бидат достапни уште 135 услуг, изјави Шаќири.
Кумановскиот градоначалник истакна дека општината обезбедила атрактивен простор во строгиот центар на градот, додека МИОА и Владата инвестирале во опрема и персонал.
– Во моментов се обезбедуваат 60 услуги, а во иднина ќе има уште поинтегриран сиситм. Посакувам успех на вработените, се заблагодарувам на сите кои учествуваа во проектот, со кој кумановци ќе добијат брзи и ефикасни услуги, рече Димитриевски.