Лани Советот на Општина Куманово одржал 18 седници од кои 14 редовни, три вонредни и една свечена, информираше на денешната седница, претседателката на советот, Атина Мургашанска.
На седниците имало 124 точки од кои 103 биле разгледани, 21 не биле разгледани.
-Годината беше тешка, особено во првиот квартал кога не знаевме како ќе работиме. Можеби имавме пропусти, но, сепак разгледавме 250 непредвидени точки, двојно повеќе од предвиденото, што се должи на итни потреби за функционирање на градот, за потребите на јавните претпријатија, службите, администрацијата, рече Мургашанска.
Најголем процент од овие точки се однесувале за вонредната состојба, за работењето на јавните претпријатија, пренамени на средства за потреби кои на почетокот на коронавирусот беа потребни за Куманово.
Советниците од опозицијата кажаа дека биле конструктивни и доаѓале за секоја вонредна седница. Советничката Анета Шандева Доневска од ВМРО ДПМНЕ, рече дека лани не се одржала седница на советнички прашања.
-Ако се вратиме ретроактивно од септември 2019 година немавме седница за советнички прашања, мислам дека не сме толку транспарентни, граѓаните заслужуваат одговори, тоа се прашања на граѓаните. За жал, и покрај барањата до таква седница не дојдовме, рече советничката.
Координаторот на советничката група на СДСМ, Томица Илиќ, рече дека и покрај тоа што не се одржала седница на советнички прашања, советниците имале можност да поставуваат прашања за секакви потреби. Тој како претседател на комисија за изработка на програмата на советот предложи во четвртиот квартал од оваа година, совтениците да ја разгледуваат информацијата за работата на секторот за внатрешна ревизија.
Инаку, од почетокот на коронавирусот, седниците наместо во помала сала се одржуваат во големата сала на зградата во поранешен Комитет.