Решен е неколкугодишниот проблем со платите на штипските пожарникари. Градоначалникот Сашко Николовски на денешната прес-конференција информираше дека е извршена корекција на плаќањето на 20 отсто согласно Законот за пожарникарство.
Јануарските плати на пожарникарите, во февруари ќе бидат пресметани, поточно корегирани, со нов бод.
–По потпишување на Правилникот, бодот на плати што досега беше 76.93, сега е 81.6. Со ова исправивме една неправда што се провлекуваше низ годините наназад. Имено, до 2017 година, ништо не беше решено во поглед на исплатите што на пожарникарите им следуваа по закон, вели Николов.
Тој истакна дека општината досега исплатила над 20 милиони денари по однос на тужби од пожарникарите во Територијалната Противпожарна единица-Штип.
– Конечно, ставаме крај на игнорирањето на овој проблем и согласно Законот продолжуваме со безрезервна поддршка на пожарникарите, покрај тоа што и законски им следува, вели Николов.
Командирот на ТППЕ-Штип, Тони Атанасов вели дека Штип е втората општина по Град Скопје, која пристапи кон решавање на овој проблем.