Според евиденцијата на градската библиотека „Гоце Делчев” од Гевгелија, професорката по македонски јазик Вања Манчева, позајмила и прочитала најмногу книги изминатава година од која поголемиот дел помина во знакот на пандемијата од ковид-19.
Пријатно била изненадена од информацијата оти, како што вели, читала книги не само од гевгелиската, туку и од други библиотеки, позајмувала, разменувала и малку повеќе купувала.
– Како професор по македонски јазик и култура, читањето е моја пасија и сметам дека во годината што измина прочитав околу осумдесет книги од различни жанрови и дека секоја од нив беше моја стварност во исклучително предизвикувачката 2020 година, вели Манчева.
Од библиотеката пак информираа дека лани, поради пандемијата од ковид-19, бројот на регистрирани членови бележи извесно намалување, односно од 800, таа бројка сега паднала на 630 регистрирани читатели.