Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Никица Бачовски, заедно со градоначалникот на општина Делчево, Горан Трајковски денеска направија увид на дел од проектите што се реализираа со средства од Програмата за рурален развој.

Директорот на Агенцијата истакна дека во Делчево се инвестираат близу 32,8 милиони денари за проекти кои го подобруваат квалитетот на живот во неколку населени места.

-Со овие средства се изгради фекална канализација во неколку населени места, улици во населбата Басарица, а ќе се гради и затворен пазар. Радува фактот што Басарица за прв пат добива канализација и квалитетни улици и граѓаните повеќе нема да газат во кал и немаат дополнителни трошоци за чистење на јамите. Токму со ваквите инвестиции покажуваме дека со политиките и мерките што ги спроведуваме како Влада, создаваме квалитетни услови за живот и да ги мотивираме граѓаните да создаваат сопствени бизниси и да ги развиваат населените места без оглед на нивната местоположба. Само со создавање на квалитетни услови за живот може да влијаеме врз намалување на одливот на младите, односно да ги задржиме во родните огништа, истакна Бачовски.

Средствата кои ги доби Општината за реализација на овие проекти се неповратен грант, а обврска на Општината е исплата на данокот на додадена вредност.

Градоначалникот Трајковски посочи дека фокусот на општината е ставен на изградба на квалитетна комунална и патна инфраструктура.

– Басарица е конкретен пример за населба која е урбанизирана пред три децении, каде жителите газеа кал и дишеа прашина три децении. За прв пат, минатата година преку програмата на Агенцијата, ги изградивме првите улици во населбата со вкупна должина од еден илометар, но изградивме и два километри фекална канализација и трајно го решивме проблемот со отпадните води. Во моментот, Басарица е урбана приградска населба со асфалтирани улици и тротоари што дава услови за понатамошен развој на населбата, нагласи Трајковски.

Следниот проект што почнува со реализација е изградбата на современиот градски пазар во Делчево, кој, според градоначалникот, ќе донесе нов лик и имиџ на градот и ќе ги подигне на повисоко ниво условите за трговија. Преку мерките од Програмата за рурален развој во сите општини во државата, како што додадоа од АФПЗРР, во моментов се реализираат над 200 инвестициски проекти, за што Владата има обезбедено 38 милиони евра средства од Буџетот.