Ученици од основните и средното училиште во Свети Николе иницираа младинска акција за чистење на новиот Градски парк.

Градоначалникот на Свети Николе, Сашо Велковски, за МИА вели дека акцијата е реализирана во рамки на проектот на УСАИД за Меѓуетничка интеграција на младите во образованието, кој е имплементиран од страна на Македонскиот центар за граѓанско образование и Младинскиот образовен форум, а во соработка со Општината.

– Спроведена е младинска акција за чистење на новиот Градски парк, поставување на летниковец, како и пет клупи за седење и пет канти за отпадоци. Оваа акција произлезе како идеја од учениците од основните училишта и средното училиште од нашиот град кои зедоа учество во проектот, вели градоначалникот Велковски.

Градоначалникот упати благодарност до младите ученици за нивната иницијативност и тоа што се вклучија во акцијата, но, и до Младинскиот образовен форум, Македонскиот центар за граѓанско образование и УСАИД за финансиска помош за реализација на оваа активност за разубавување на новиот Градски парк во Свети Николе.