Патронажно санитетско возило марка „Дачија“ и амбулатно возило комбе „Фолксваген“ Т5 доби службата за Итна медицинска помош при Здравствениот дом Скопје. Возилата се донација од Општината Чаир.

По повод донацијата, министерот за здравство Венко Филипче денеска пред општинската административна зграда изјави дека Општината Чаир годинава одлучила парите кои биле наменети за новогодишно осветлување да ги пренамени и со нив да се набават двете возила за транспорт на пациенти кои денеска ги донираат на Здравствениот дом Скопје, за што изрази благодарност за овој, како што посочи, висок степен на свесност и совесност во работењето.

– Ова е значајна донација, овој сегмен на Итната медицинска помош е многу сериозен значаен сегмент во целокупниот здравствен систем, кој во континуитет го надградуваме. Целокупниот возен парк повеќе од три четвртини целосно е обновен со набавка од Министерството за здравство, со донациите кои пристигнаа во изминатиот период во овој дел од целокупниот здравствен систем кој одигра и една од клучните улоги во третманот, транспортот, правата помош, дијагнозата на пациентите со Ковид-19, рече Филипче.

Во овој момент, потенцира министерот, трае уште една процедура, а тоа е вградување посебни инструменти за Џи-Пи-Ес навигација, камери во сите возила на Здравствениот дом во Скопје, за две недели ќе заврши целокупната инсталација и со тоа целосно ќе биде модернизиран и овој сегмент од ИМП. Тој појасни дека тоа значи оти во секој момент ќе се знае точно каде е возилото, каде се наоѓа, кога е испратено, за колку точно време ќе дојде од моментот на испраќање, што значи една значајна постапка за модернизација на возилата на Итната медицинска помош.

– Во 2021 година според најавата на претставниците на Амбасадата на НР Кина треба да пристигнат и донираните возила, кои требаше да пристигнат лани, но поради ковид кризата се одложија и со ова целосно се заокружува процесот на модернизирање на сите служби на Итната медицинска помош во државата, додаде Филипче и се заблагодари на градоначалникот за оваа значајна помош и поддршка во тој многу битен сегмент од здравствениот систем.

Градоначалникот на Општината Чаир, Висар Ганиу рече дека потикнати од ситуацијата со Ковид-19 и гледајќи ја херојската битка на здравствените служби за да ги спасат животите на нашите сограѓани одлучиле да одат чекор напред и да го дадат својот придонес во зајакнувањето на здравствените капацитети со донирање на две амбулантни возила и тоа патронажно санитетско возило и амбулатно возило комбе „Фолксваген“ Т5 на службата за ИМП при Здравствениот дом Скопје.

– На 24 ноември општинскиот Совет ја усвои одлуката за реалокација на средствата наменети за декорирање на Општината Чаир за новогодишните празници во висина од 1,8 милиони денари за да може да го обезбедиме првото амбулатно возило. По ова ја реализиравме законската постапка за јавна набавка и на 28 декември склучивме договор со избраниот економски оператор Аутомотив груп за да ја завршиме постапката за купување на амбулатното возило марка „Дачија“ тастер. Не застанавме тука и се ангажиравме да донираме и второ амбулатно возило комбе „Фолксваген“ Т5, кое го обезбедиме преку приватниот донатор Ар-Де аутомобиле. Ова возило има вредност од 800.000 денари. Да продолжиме да се бориме со вирусот и сите да ги почитуваме сите мерки и протоколи, додаде Ганиу.

Економскиот директор на Здравствениот дом Скопје, Бесим Кока се заблагодари за донацијата и возилата и посочи дека амбулатно возило комбе многу ќе им служи, бидејќи имаат проблем со достапност во планините во околината на Скопје.

– Ова е пример за сите други градоначалници и функционери кои имаат можност да донираат и да помагаат на Здравствениот дом и на другите здравствени институции, додаде Кока.


Администратор
22/01/2021 12:41