Aмбасадорот на Кралството Холандија Дирк Јан Коп во интервју за САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека Македонија не треба да драматизира по ветото од Бугарија туку да ја реши корупцијата и да го подобри животот на граѓаните.
За сеприсутната корупција кај нас, тој вели дека е состојба на умот, од корупцијата во јавните набавки, кронизмот и непотизмот на највисоко ниво, кај градоначалниците, судиите, па сè до луѓето кои се подготвени да платат поткуп, оние кои носат шише виски кога одат на преглед кај доктор и оние кои во март носат подароци за учителките на своите деца.
- Дали е задача на ЕУ да ја мотивира Северна Македонија? Дали е логично да се бара тоа, а истовремено да се очекува за некоја година да се биде на истата маса во ЕУ како полноправна земја членка со еднакво право на глас? Секако дека ЕУ сака стабилни и просперитетни нации на Балканот. Но одговорноста за тоа е ваша. Зошто луѓето очекуваат дека ќе бидат земени за рака и дека ќе треба само да следат инструкции наместо да преземат одговорност и самите да ја завршат тешката работа? Една од скорешните анкети покажува дека 56% од анкетираните мислат дека владата не може да ги оствари резултатите без надворешен притисок!? Ова е загрижувачки процент за една суверена и независна држава. Бидејќи иднината на Северна Македонија е во наш интерес, ние сме тука за да помогнеме во овие процеси, и како што и Вие споменувате, тука сме од самиот почеток. Даваме значителна поддршка уште од независноста. Таа посветеност не би требало да се носи под знак прашање на секој семафор. Како можеме ние да ве мотивираме вас, политичкото водство и населението, ако вие не можете самите да се мотивирате?
Коп додава и дека Холандија инсистира на борба против корупцијата а со оваа борба се занимаваат повеќе институции, но не може да се забележи значајна разлика во секојдневниот живот на граѓаните.
- Корупцијата е состојба на умот на целото општество, од корупцијата во јавните набавки, кронизмот и непотизмот на највисоко ниво, кај градоначалниците, судиите, па сè до луѓето кои се подготвени да платат поткуп, оние кои носат шише виски кога одат на преглед кај доктор и оние кои во март носат подароци за учителките на своите деца. Постоечката корупција исто така води кон потреба за изнаоѓање на политички баланс при секое назначување на државна функција. На пример, тажно е дека дури и директорите на националните паркови се политички назначени. Мое силно уверување е дека луѓето не треба да се вработуваат заради политички баланс, туку врз основа на заслуги, отчетност и професионалност.
Она што е потребно се секако јасни и спроведливи правила, како што се 42 препораки и 151 точка за акција за намалување на ризикот за корупција и кронизам при јавните вработувања кои се усвоија како дел од проект финансиран од Холандија, а кои сега треба да ги спроведат министрите Шаќири и Николовски. Судскиот совет исто така се подготвува да воведе нов систем за оценување на судиите со помош на Холандија. Истото е потребно и за обвинителите. Овие правила ќе помогнат да се врати довербата на луѓето во нивните институции. Политичките лидери мора да водат со својот пример во овој поглед. И само преку повторно воспоставената доверба ќе може да започне да се менува менталитетот, додава Коп.
Целото интервју може да се прочита на Сакам да кажам.мк